Заканата од популистичките политики во Европа е се уште голема и покрај победата на Емануел Макрон на вчерашните претседателски избори во Франција, смета официјален Берлин.
Државниот секретар во германското Министерство за надворешни работи Михаел Рот вели дека победата на Макрон е засенета поради фактот што неговата противкандидатка, екстремната десничарка Марин Ле Пен освои речиси 11 милиони гласови.
Во изјава за германската националната телевизија АРД, Рот, кој е одговорен за француско- германските односи, вели дека „не смее да стане нормално десничарски екстремисти да добиваат толку многу гласови на избори“.
– Доколку Макрон не успее во својот мандат, тогаш нареден претседател ќе биде Марин Ле Пен и ние мораме да го спречиме тоа по секоја цена, смета германскиот дипломат, според кого, Германија во минатото пречесто се однесувала како „учител на Франција“ и затоа сега треба да ги релаксира правилата на ЕУ за буџетско трошење, со цел да и се дозволи на владата на Макрон да го засили растот на економијата.