ДПА – Хамбург
Шведскиот град Малме неодамна стаса на насловните страни заради серијата пукотници кои според многумина се должат на војна за поделба на територии меѓу различни банди. Некои, за криминалите ги обвинуваат емигрантите, а полицијата се мачи да ги изведе напаѓачите пред суд.
Ако шетате во квартот Миолевоне во Малме, на прв поглед не изгледа дека овој јужен шведски град има репутација на меѓународен центар на организираниот криминал.
Млади жени туркаат детски колички, пензионери се печат на сонце. На централнот плоштад во Миолевонен царува животот.
Но во февруари, истиот тој плоштад беше место на злосторства.
Малме стана неславно познат низ светот од серијата пукотници, кои го привлекоа вниманието на конзервативните медиуми, како што е американската телевизија Фокс њуз.
Дури и претседателот на САД, Доналд Трамп, изгледа мислеше на тоа кога пред некое време рече: „Гледајте што се случи минатата вечер во Шведска“, рече тој имајќи ја предвид, по се изгледа, репортажата на Фокс њуз.
Неговиот коментар предизвика збунетост за каков настан претседателот зборува, „за редот и законитоста“, затоа што во последните месеци имаше неколку случувања.
– Забележуваме драстично зголемување на пукотници и убиства, вели криминологот Мане Герел.
Од почетокот на 2016, како резултат на уличните насилства во Малме – град со околу 330.000 жители – биле убиени 17 души.
Заради насилствата, руската телевизија Ар-Ти го нарече Малме „шведско Чикаго“. Се смета дека многу од престапите во Малме произлегуваат од борбите за територии кои ги водат криминалните мрежи. Но полицијата често е во безизлезна ситуациј, а во многу случаи дури нема ни осомничени.
Продавачка во продавница за храна во Миолевонен, познат уште и како Миолан, рече дека не се плаши.
Во еден агол од плоштадот оставени рози и голема фотографија потсетуваат на 23-годишен маж, кој беше застрелан пред тајландски ресторан. Според полицијата, тој бил вмешан во препродажба на наркотици.
– Градов веќе не е истиот, вели Марвин, кој веќе 20 години продава зеленчуци на пазарот во Миолан. Дрогата ги потхранува конфликтите, додава тој.
Во квартот Миолан живеват многу емигранти, како што е и овој смирен трговец. Тој дошол во Шведска од Либан уште како дете, пред 40 години.
Иако и самиот е емигрант, Марвин вели: „Дозволивме да дојдат претерано многу луѓе. Ни требаат построги закони“.
Слични искажувања се музика за ушите на шведските крајнодесничарски популисти. „Никогаш не станало прашање за етничко потекло, туку за класи. Но за класите никој не зборува“, вели Андреас Шионстриом, заменик градоначелник на Малме одговорен за животната средина и безбедноста.
Многу од 150 до 200 членови на криминалните банди кои дејствуваат во градот се со странско потекло, вели политичарот социјалдемократ. „Но потеклото всушност е причина за престапноста. Главниот фактор е што луѓето во тие реони живеат во лоши услови“, подвлекува тој.
Под „тие реони“,Шионстриом предвид ги има квартовите како Софислунд, близу до Миолан и Русенгорд, каде на крајот на март беше застрелан 23-годишниот маж. Од полицијата рекоа дека обиениот во Русенгорд бил очевидец на убиство на 16-годишно момче во јануари.
– Му понудивме заштита, но тој одби да соработува – можеби зашто се занимавал со наркотици, рече полицискиот портпарол Ларс Фиоштел.
Тоа е еден од малкуте случаи на пукање при кои полицијата изврши апсења, но случајот не е затворен.
Заменик градоначалникот Шионстриом смета дека градските власти си имаат работа со борба за владение, во која учествуваат „многу млади луѓе“ во просек на 22 години, откако пред две-три години полицијата стави многу водачи на организираните банди зад решетки.
– Тие располагаат со многу оружја, рече тој.
Повеќето нелегално внесени оружја во Шведска доаѓаат во земјата преку Малме, вели криминологот Герел.
Многу од новодојдените во Шведска исто влегуваат во земјата преку Малме. Годишно се менува околу една четвртина од населението во таканаречените проблематични квартови во градот.
Луѓето се селат веднаш штом ќе можат, вели Шионстриом. „Но, сиромаштијата, социјалните проблеми и криминалот во тие квартови остануваат“, дополнува тој.
Градот Малме сака да го смени тоа и започна специјален проект во Софилунд – еден од 15-те реони во земјата кои според полицијата се особено проблематични. Некои странски медиуми отидоа до таму да ги наречат „забранети зони“.
Локалниот фудбалски клуб се обидува навечер да ги собере бездомните момчиња од улиците, се бара одговорност од сопствениците на занемарените згради, а преку ден тимови велосипедисти го чисти квартот.
Станбен блок, познат како свртилиште на наркодилери, е опремен со камери за видеонадзор.
– Гледаме дека луѓето остануваат во реонот, вели раководителот на проектот Јалмар Фалк. Од друга страна, чуството на небезбедност во малме се засилува.
Шионстриом истакнува дека никогаш досега нивото на криминал во Малме не било толку високо и се жали дека заради пукотниците градот се здобил со лоша слава на криминален центар.
– При сето тоа, луѓето во Малме веројатно би се чувствувале подобро ако виновниците за неодамнешните крвопролевања бидат одведени зад решетки, вели Маркус Екберг, уредник на вести во весникот Сјудсвенскаи.