Унгарија во Судот на ЕУ поднесе барање за укинување на одлуката на министрите за внатрешни работи од Европската Унија од 2015 година за задолжителни квоти за распределување на бегалците, посочи унгарскиот министер за правда, Ласло Трочани, во интервју за австрискиот весник „Пресе“, пренесе ТАСС.
Според Трочани, цитиран од ТАСС, предметот ќе почне да се разгледува на 10 мај.
Будимпешта ја оспори одлуката што беше донесена од мнозинството министри за внатрешни работи на нивната средба од септември 2015 година за распределување по квоти на над 100.000 мигранти, привремено сместени во Грција и Италија, и тоа во внатрешноста на ЕУ.
„Унгарија преку 10 аргументи ја изложи својата позиција во однос на квотите, затоа што смета дека одлуката е противзаконска“, дополни Трочани.
Тој појасни дека доколку неговата земја го загуби судскиот процес, таа ќе ја прифати оваа одлука.
„Европската погранична служба Фронтекс треба да има надлежности да врши депортирање на нелегалните мигранти во цела Европа“, посочи уште унгарскиот министер во интервјуто за „Пресе“.
Според него, главниот проблем на миграциската политика на ЕУ е постоење на праксата за раселување на мигрантите според квоти, што се определени од Европската комисија, и неефикасните мерки по депортирањето на нелегалните мигранти.