Врачена државната награда „Гоце Делчев“ за 2016 година

Од:

Д-р Ванчо Спиров за делото „Форензичка ДНК – анализа на забите“, проф. д-р Трајче Стафилов и д-р Роберт Шајн за Геохемиски атлас на Република Македонија и проф. д-р Јасна Котевска за делото „Киркегард за консумеризмот (етичко, естетско и религиозно читање)“ се добитници на државната награда „Гоце Делчев“ за остварувања во областа на науката во 2016 година.

Високото признание на добитниците годинава им беше врачено во просториите на Македонската академија на науките и уметностите наместо во Собранието на Република Македонија.

Претседателот на Одборот за доделување на наградата, академик Владо Камбовски, во излагањето праша дали била залудна погибијата на Делчев за највисоките народни идеали и погибијата на илјадници борци за слободата на Македонија кои ги жртвувале беспоштедно своите млади животи. Го нарече Делчев заветна икона пред која, како што рече, треба да се полага сметка за тешката злокоба што се наднесува над сите нас.

– Таа злокоба е срамот којшто паѓа на оние што го организирале, поттикнувале и извршиле, помагале или го прикриваат тешкиот, беспримерен, за целиот свет вџашувачки насилен напад врз идеалот на демократијата во секое цивилизирано опшстество, олицетворен во Собранието на слободна Македонија… На тие што со такви злодела го повредуваат достоинството на секој наш граѓанин, национална гордост, мирот и надежта во подобро утре, убеден сум дека ќе им се суди, праведно, според тежината на тоа што го смислиле и сториле или пропуштиле да го спречат, рече Камбовски, додавајќи дека уште потешко паѓа сознанието дека тоа се случува и поради, како што рече, нашата небудност кон провидната популистичка идеологизација на историјата и сегашноста.

Камбовски, меѓу другото, рече дека Гоце дефинирал прецизен став кон сфаќањето на слободата – слобода од туѓо ропство, од страв, од ограничувања и слобода за творештво, за сојузништво и споделување со друг.

– Дојдовме до точката на проверка на оваа теза, во лошо време и по повод на трагични настани кога треба да се каже: доста беше од неразумната волја за моќ и од неодговорна власт, од партизирани институции, медиуми и детски градинки, од корупција и организиран криминал, од слепа правда, од нееднаквост, од партиски, етнички, социјални и слични делби со ширење омраза и непријателство. Доста беше од пропагандно образование, мизерно третирна наука и знаења, од непочитување на човечкото достоинство, од поданички менталитет… рече Камбовски, повикувајќи „доста е од сета таа и таква заробеност“.

Во изјава за медиумите академикот рече дека ставот во излагањето е негов личен и се надева дека ќе биде прифатен како став кој има и научна аргументација и ослобден од политички примеси и импликации. Истакна дека е потребна смирена анализа зошто дошло до вакви настани воопшто околу конституирањето на Собранието.

– Според мене, дојде затоа што државата не се движи по колосекот на владење на правото и на доследно почитување на Уставот, додаде Камбовски.

Во име на годинашните добитници на наградата „Гоце Делчев“ се обрати Трајче Стафилов, кој рече дека задоволството им е уште поголемо затоа што наградата го носи името на еден од најсветлите примери на борец за слободата на Македонија и за самодокажување на македонската идеја и македонската нација. Подвлече дека она за што се залагал Гоце – науката – е многу важен сегмент за развојот на секоја држава и за нејзината афирмација.

– За жал, поддршката на научните работници во Република Македонија е недоволна. Не може да очекуваме големи научни достигнувања во Република Македонија ако за подолг период не се финансираат национални научно-истражувачки проекти, ако не се стипендират наши талентирани млади истражувачи кои сакаат своето научно издигнување да го реализираат во земјата… Позитивен пример, сепак, беше опремувањето на научно-истражувачките лаборатории на универзитетите и другите научни центри, но тоа не е доволно ако опремата не се поддржи со потребните финансиски средства и ако не се обезбеди кадар за нивна работа и користење, рече Стафилов.

Би можело да ве интересира

Откриена биста на Гоце Делчев во Пустец

Доделена државната награда „Гоце Делчев“ за значајни остварувања во областа на науката

Доделување на државната награда „Гоце Делчев“

Одбележување 121 година од смртта на Гоце Делчев

Катерина Ѓуровски

Посебен режим на сообраќај во Скопје во сабота поради чествувањето на смртта на Гоце Делчев

А1он

Во финална фаза подготовките за поставување бистата на Гоце Делчев во центарот на Пустец

Катерина Ѓуровски