Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во првиот квартал од годинава изнесува 1.202. 883 илјади американски долари и бележи пораст од 10,7 отсто во однос на истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика.
Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 1.655.213 илјади американски долари што е за 10,5 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Вкупната вредност на размената на стоки со странство изнесува 2.858.096 илјади американски долари, а трговскиот дефицит изнесува 452.330 илјади американски долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-март 2017, изнесува 72,6 отсто.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката.
Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.
Во периодот јануари-март 2017 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија, и Бугарија.