„Во зенитот на своето политичко пустошење на државата Никола Груевски очајнички се обидува не само да се затскрива зад „народ“, туку истиот тој „народ“ да го жртвува, и по цена на човечки животи, ако тоа му носи бегство од судбината на криминалците во држава во која правото и правдата стануваат приоритети на новата власт. Токму тоа, владеењето на правото и возобновувањето на демократските принципи го туркаат да се затскрива по канцеларии, како Хитлер во бункерот во последните денови од падот на нацистичкиот режим.
Својот политички кукавичлак лидерот на ВМРО-ДПМЕН го демонстрира и во овие свои последни денови. Од Виена координираше со упадот на криминалците и убијците во Собранието, се врати од таму, почна да се затвора и да кова некакви наводни стратегии за спас на државата од канцеларии и да се повикува на ставови на граѓаните, во ситуација кога 67 пратеници ја артикулираат јасно изразената волја за промени на мнозинството граѓани на изборите од 11 декември. Точно е дека граѓаните се носители на суверенитето, но точно е дека власта граѓаните ја остваруваат преку демократски избрани претставници(Член 2 од Уставот) – Груевски деновиве очајнички врши атак токму на оваа уставна одредба, како преку своите послушници во Собранието така и преку криминалци и убијци, грчевито обидувајќи се да ја оневозможи политичката реализација на оваа уставна обврска и демократска придобивка.
Познавајќи го неговиот политички табиет, нема да биде за изненадување доколку во очајничката игра продолжи со своите политички егзибиции, но тоа не е и не може да биде пречка за продолжување на отпочнатите процеси на демонтажа на режимот во Македонија.
НСДП смета дека новиот претседател на Собранието има целосен легалитет и легитимитет формално да го извести претседателот на државата Ѓорге Иванов дека во Собранието има парламентарно мнозинство за формирање на Влада и веднаш да пристапи кон конституирање на извршната власт, независно од неговата одлука дали ќе го додели или не мандатот на Зоран Заев. Иванов се покажа и докажа како верен слуга на злосторничкото здружение, а не како претседател на сите граѓани кој своето политичко поведение го моделира според уставно дефинираните надлежности. Затоа нема да биде изненадување доколку Груевски сега повторно го искористи за да спречи граѓаните да ја остварат власта преку демократски избраните 67 пратеници. Поради тоа, исклучувањето на Иванов од процесите на формирање на извршната власт не го загрозува уставниот поредок, туку напротив, тоа е во духот на демократијата и уставното дефинирање на државата како парламентарна демократија во која Собранието е централна институција. Легитимитетот на новата власт не може да биде загрозен од самоволието на криминалците и нивните слуги инсталирани во институциите на системот, процесите се отпочнати и во најбрз можен рок треба да финализираат со избор на нова, реформска Влада“, се вели во соопштението на НСДП.