„Интергалактичкиот супер летен камп на Чичко Зарк” е насловот на проектот за анимирана ТВ серија која Линкс Студио ќе ја презентира неделава во Штутгарт.
Серијата е базирана врз приказната на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата”. Дејството се случува десет години после филмот, а главниот лик е синот на Јон Вардар. Сценарист и режисер е Гоце Цветановски, Михајло Димитриевски – Тхе Мичо е арт директор, а Бенжамин Хотон директор на анимација.
– Ова е вторпат да бидеме селектирани на овој маркет и имаме состаноци со врвни луѓе од најголемите светски телевизии и дистрибутери: Дизни, БиБиСи, Канал +, Картун Нетворк… Нашата стратегија да створиме анимиран бренд од Јон Вардар полека но сигурно се остварува, вели Цветановски.
Серијата засега е во концептуална фаза, а почетокот на продукцијата се очекува во 2019 година.
Во рамки на престижниот пазар за копродукција „Ден за продукција на анимација”, ќе биде презентирана потесна селекција на проекти од најпознатите европски и светски студија за анимација.