„Либерално-демократската партија им го честита 1-ви Мај на сите граѓани, денот посветен на борбата за унапредување и зачувување на работничките права. За жал, мораме да констатираме дека има многу причини за незадоволство, а речиси ниту една за празнување.
Во изминатите 10-тина години владеење на Груевски и ДПМНЕ, достоинството на македонскиот работник е комплетно уништено. Политиките на ДПМНЕ од македонскиот работник направија модерен роб, работејќи за примања кои не можат да ги покријат основните домашни потреби. Овој факт го потврдуваат и податоците кои покажуваат дека потроувачката кошница за едно четиричлено семејство е 32.000 денари, или нешто поголема од 500 евра, а над 50% од сите вработени во земјата земаат плата под 15.000 денари – или само половина од синдикалната кошница. Дополнително, ДПМНЕ успеа преку добро воспаставениот систем на корупција и заробување на институциите во најголем дел да ги поткупи синдикалните лидери и да ги претвори во заштитници на криминалните политики на Груевски, а не застапници на работниците.
ЛДП во својата програма и како дел од новата влада, најголем дел ќе посвети токму на економијата, каде граѓанинот односно работникот ќе биде во центарот на вниманието. За таа цел, предвидени се мерки кои се фокусираат на подршка на домашните претпријатија, односно малите бизниси. Податоците покажуваат дека 86% од македонските компании имаат од 1 до 9 вработени, а само 2% над 50 вработени. Ќе воведе плаќање на ДДВ по извршена наплата, за сите компании чиј годишен обрт е до 20 милиони денари. Ќе биде формиран фонд за микро и мали бизниси, со почетни средства од 10 милони евра; ќе се воведе викенд без данок, како и реализација на буџетската подршка за малите бизниси преку формирање на посебни програми со вкупен износ од 30 милони евра на годишно ниво.
Сите овие средства ќе допринесат за развој на микро и малите бизниси, кои се всушност и ‘рбетот на македонската економија и што е најважно, ќе допринесат за отварање на нови работни места кои ќе бидат соодветно платени. Домашните претпријатија, и тоа пред се микро и малите бизниси, се и ќе останат во фокусот на ЛДП и на новата влада, која ќе биде наскоро избрана“, се вели во соопштението на ЛДП.