Актерот Владо Јовановски кој е еден од фронтмените на протестите на „За заедничка Македонија“ и е меѓу лицата за кои МВР бара притвор за организирање на протестите и нападот на пратеници и новинари во Собранието, денеска настапи со перформанс во културно-уметничката програма на народниот собир, по повод на канонизирањето на Кипријан Слепченски за светец во манастирот „Свети Јован Претеча“ во Слепче, демирхисарско, пишува проталот Сакам да кажам.
Освен за Јовановски, МВР побара притвор за организаторите Борис Дамовски, Богдан Илиевски и Игор Дурловски, за кои МВР бара од ОЈО под итно да бидат повикани на сослушување. Со канонизирањето во Слепче раководеше архиепископот Стефан, а дел од владицитете на МПЦ кои денес учествуваа во канонизирањето упатија пораки за патриотизам и единство, со реторика иста како онаа на ВМРО-ДПМНЕ и на демонстрантите на „За заедничка Македонија“ .
„Некои сакаат да ни ја украдат унитарноста, независноста, да направат од нас луѓе без кичма, луѓе кои немаат достоинство. Но, затоа светата македонска црква постојано коленичи со верниците и го моли господа да ја чува и варди од сите зла и неволји. Затоа црквата ве повикува на единство , да се сплоти македонскиот народ, да бидеме една душа, едно тело и едно срце и да имаме една мисла. Ве моли црквата да се соединиме и заеднички да го оттргнеме злото кое е навлезено во државата и црквата“, рече митрополитот повардарски Агатангел.
Митрополитот преспанско-пелагониски Петар пак им порача на верниците да бидат вистински патриоти ако сакаат да имаат црква и држава. Тој за пример го посочи животот на Кипријан Слепченски, кој во минатото прострадал во маченичка смрт за да ја заштити црквата. Повикувајќи се на житието рече дека „на Велики четврток бил горен во дворот на црквата од Турци колунци, а се работи за Албанци источно од Корча, кои биле арамии и барале пари и не добиле и украле сѐ што можеле и светите мошти.“
„Примерот што ни го оставиле како свети луѓе да го следиме, ако тоа не го правиме тогаш не можеме да очекуваме дека нашата црква и држава ќе опстојат. Ако сакаме да опстоиме, како што дал отпор како свет човек на Турците колунци, односно на Албанците источно од Корча , така и ние за одбарана на нашата вера , за одбрана на нашата татковина истиот пример да го следиме. Зашто ние ако не сме вистински христијани, и вистински патриоти нема нема ниту црква да имеме, нема ниту држава да имаме. Амин!“, рече владиката Петар.