Пристапот до најголемата интернет енциклопедија – Википедија е блокиран во Турција поради оцрнување на имиџот на земјата, соопшптија турските власти.
– Наместо да придонесува за борба против тероризмот, Википедија стана дел од кампањата за оцрнување на имиџот на Турција на меѓународната сцена, наведува во соопштение турското Министерство за транспорт, морепловство и информации.
Министерството нагласува дека раководството на Википедија било информирано да престане со објавување на „лажна и непотврдена информација“ за поврзаност на Анкара со терористички организации. Но и покрај предупредувањата, Википедија одбила да ја отстрани содржината. Како резултат на тоа дошло и до забрана за пристап, која е наметната од турскиот Совет за информатичка технологија и комуникации, без претходно да биде донесена судска одлука. Забраната предизвика протести на социјалните мрежи.
Пристапот до Википедија би можел да биде обновен доколку барањата на Турција бидат исполнети, јавува турската агенција Анадолија.