Русија го направи првиот чекор кон ограничувањето на тутунската индустрија, усвојувајќи го денеска во Парламентот во прво читање законот за забрана на пушењето на јавни места, кој исто така ја ограничува продажбата на тутунски производи.
Според предлог-законот, рекламирањето тутунски производи ќе биде ставено надвор од закнот, а пушењето на јавни места како ресторани, барови и хотели ќе биде постепено забрането.
Ќе биде забранета и продажба на цигари во трафики и мали продавници по автобуските станици, чекор, кој според сопствениците, ќе го уништи нивниот бизнис.
Пратениците со огромно мнозинство го одобрија законот во прво читање со 429 гласови „за“ и двајца воздржани.
Рускиот заменик-министер за здравство рече дека целта на законот не е да го намали бројот на пушачите, туку да спречи негово зголемување.
Русија е најголемиот пазар за тутунски производи во светот по Кина.
Премиерот Дмитриј Медведев рече дека 44 милиони Руси, односно секој трети е пушач и речиси 400.000 лица умираат годишно како последица на пушењето.