Претседателката на австрискиот Суд за ревизија Маргит Кракер бара воведување забрана за предвремени парламентарни избори.
Таа во интервју за австрискиот весник „Тиролер тагесцајтунг“ изјави дека во иднина мандатот на Владата и на пратениците на сојузно ниво треба да се фиксираат на четири години.
Само претседателот на Австрија, според неа, во вонредни случаи би требало да има можност да го распушти Парламентот.
– Нашиот политички систем е блокиран со постојани шпекулации за предвремени избори, оцени Кракер.
Таа нагласи дека се неопходни длабоки реформи, додавајќи дека е важно земјата да се врати на четиригодишниот мандат, кој не смее да биде прекинат.
– Пратениците се избрани на одреден мандат и нивната задача е да и служат на земјата, подвлече Кракер.
Таа додаде дека нејзиниот предлог се однесува само на сојузно ниво, бидејќи постојаните закани од предвремени избори не се толку присутно на ниво на покраини.