Жителите на Гевгелија со убедливо мнозинство од 97 проценти на референдумот гласаа „против“ отворање на рудници за ископ на минерални суровини на територија на општината.
Според првичните неофицијални информации „за“ отворање на рудници гласале само 154 жители на Гевгелија додека „против“ гласале 13 097 гласачи. Од општинската изборна комисија наведоа дека сега течат роковите за жалби.
На референдумот излегоа над 13 илјади гласачи или околу 70 отсто од запишаните 19.459 во Избирачкиот список, со што е исполнет законскиот праг од над 50% излезност, и со тоа референдумот е успешен. Иницијаторите за референдумот од здружението “Спас за нас“ се задоволни од излезноста на граѓаните и сметаат дека гевгеличани избрале живот и чиста животна средина место рударски комплекси.
Веднаш по соопштувањето на резултатите, жителите на Гевгелија излегоа да прославуват по улиците на градот.