Сите 26 заложници, меѓу кои и членови на катарското кралско семејство, ослободени се денеска откако 16 месеци поминаа во заробеништво во Ирак, изјавија двајца ирачки официјални претставници, пренесува Танјуг.
Според зборовите на еден неименуван владин и еден неименуван безбедносен претставник, заложниците денеска се ослободени и сега се под контрола на Министерството за внатрешни работи на Ирак.
Тие биле киднапирани во декември 2015 година од пустинскиот камп на јужниот дел на земјата. Ирачките официјални лица соопштија дека околу пуштањето на заложниците се водени преговори меѓу Иран, Катар и либанската шиитска милитантна група Хезболах повеќе од една година и дека на сунитските и шиитските фракции им се исплатени повеќе милиони долари.