Против поранешниот премиер на Хрватска Иво Санадер, поднесено е петто обвинение, овој пат за незаконитости околу продажбата на деловни згради во центарот на Загреб. Со ова државата била оштетена за 3,5 милиони евра.
Педесет и девет годишниот Санадер веќе издржува 10-годишна затворска казна за корупција и моментно против него се води процес за злоупотреба на државни средства преку маркетинг компанија, која била под негова контрола.
Покрај Санадер, обвинети се и поранешниот министер за регионален развој, шумарство и водостопанство Петар Чобанковиќ, поранешниот пратеник на ХДЗ и сопственик на синџирот месарници Стјепан Фиолиќ и сопственикот на компаниите кои вршеле процена на Младен Миланевиќ.
Санадер, кој се наоѓа во затворот Реметинец, денеска не се појавил на суд, а неговиот адвокат Чедо Продановиќ рекол дека Санадер ги отфрла сите обвиненија.
Двајца од обвинетите го признале криминалот, но Санадер негира, потврди обвинителот Тончи Петковиќ.
Датумот за почеток на овој судски процес не е определен.