Американскиот потпретседател Мајк Пенс ја предупреди денеска Северна Кореја да не ја става на искушение решителноста на Вооружените сили на САД, бидејќи ќе добие „поразителен и ефективен одговор“ на секоја употреба на конвенционално или нуклеарно оружје.
Тој истакна дека Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе продолжи да работи посветено заедно со своите сојузници, како што се Јапонија, Кина и други светски сили, со цел да се изврши економски и дипломатски притисок врз Пјонгјанг.
– САД секогаш ќе се борат за мир, но при управувањето на Трамп штитот стои во одбранбена позиција, а сабјата е во готовност, нагласи Пенс пред 2.500 припадници на американската Воена морнарица на носачот на авиони „Роналд Реган“ во воената база „Јокосука“ во Токискиот залив.