Армијата на Северна Кореја веднаш ќе одговори немилосрдно доколку само еден американски проектил падне на нејзината суверена територија, предупреди денеска весникот „Нодон синмун“, кој е главен печатен орган на Корејската работничка партија.
Во текстот се наведува дека одлуката на САД да го испрати носачот на авиони „Карл Винсен“ кон Корејскиот полуостров ја заострува систуацијата во тој регион. Во таа ситуација, пишува весникот, „Пјонгјанг нема пасивно да ги набљудува провокациите на САД“.
„Нодон синмун“ предупреди дека „револуционерните вооружени сили на Северна Кореја располагаат со ефективни воени средства кои се способни со еден удар да го направат пепел оној што ќе изврши агресија врз земјата“.
Непосредно пред одбележувањето на 105-годишнината од раѓањето на основачот на Северна Кореја, Ким Ил-сунг, Тихоокеанската команда на американската армија испрати кон полуостровот единици на своите военоморски сили, предводени од носачот на авиони „Карл Винсен“.