Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи по повод Воскресението Христовото -Велигден упати честитки до христијанските цркви во Македонија.
Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи по повод Воскресението Христовото -Велигден упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, до членовите на Светиот Синод и до сите православни верници на МПЦ-ОА во земјава и во странство.
– Во духот на вековното македонско празнување, и годинава камбаните гордо бијат во македонските цркви одбележувајќи го празникот над сите празници – Воскресение Христовото-Велигден. Возвишен е овој ден зашто е празник во кој торжествува животната радост и од кој извираат љубовта и надежта. Ден кој ја роди и ја раѓа богоугодната радост. За да го доживееме воскресението Христово, потребно е и ние да се утврдиме во вистината и правдата, да растеме во љубовта и благочестието, во трпението и милосрдието – да живееме во верата со добри дела, истакнува во честитката директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска.
Посочува дека како народ на верата, нашето богољубие и правдољубие отсекогаш биле духовната сила со која успешно сме одговарале на сите предизвици.
– Македонски народ во својата историја безброј пати се искачувал на Голготата на прогонствата и страдањата, но на крајот, секогаш победувал со сјајот на неговите добри дела и благочестивост. Само така, обединети околу учењето на милосрдието можеме заедно нашата татковина да ја направиме поубава за сегашните и идни генерации. Прославувајќи го Христовото воскресение да ја прославиме безусловната љубов и мирот меѓу сите луѓе на светот. Цврсто втемелени во верата и добродетелството, да шириме светлина и радост во секој дом и во сечие срце, истакнува Божиновска.
Честитајќи им го Великиот ден-Воскресение Христово, Божиновска на верниците им посакува сила, верба и благослов за, како што вели, да го сочуваме, негуваме она што ни го дал Господ како наследство, чекорејќи по тој пат праведно, одговорно и чесно.
Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи испрати честитка по повод Христовото воскресение – Велигден до бискупот скопски и апостолски егзарх Киро Стојанов, до свештенство и монаштвото и до сите верници на Католичката црква во Република Македонија.
– На денешен ден пред многу години силна светлина засветли од празниот Христов гроб и во срцата на луѓето им вдахна радост и вера во вечниот живот. Оваа светлина секогаш неповторливо ја буди и зајакнува во нас животната надеж и сила која нѐ поттикнува на себедарување и отварање на срцата кон сите со возвишеноста и благодатта на добрината. Нема поголема радост и нема поголемо поголемо веселие од она што произлегува од триумфот на љубовта над омразата, надмоќта на надежта над очајанието, Христовото воскресение нѐ направи сите нас учесници во вечната победа над смртта. Токму врз таа серадосна благовест се темели и нашата христијанска вера, надеж и љубов, пишува во честитката од Валентина Божиновска, претседател на Комисијата.
Во таа насока, наведува Божиновска, сакам да го истакнам Вашиот личен придонес, како и придонесот на Католичката црква во Република Македонија во градењето на мирот, во афирмацијата и зачувувањето на религиозните и културните посебности на Република Македонија како наша заедничка светла водилка.
Претседателката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска во лично име и во име на Комисијата испрати честитка по повод Христовото воскресение – Велигден и до Евангелско-методистичката црква во Република Македонија и до нејзиниот претседател Емил Заев.
– Во овие возвишени празнични мигови дозволете ми Вам лично, на Вашето свештенство и монаштво, како и на сите верници од Евангелско-методистичката црква во Република Македонија да Ви упатам најсрдечни честитки по повод големиот празник Христово воскресение – Велигден. На празникот Воскресение Христово кога ја славиме победата на животот над смртта, доброто над злото, да се обединиме заедно околу учењето за љубовта, верата и благословот кој произлегува од чистата љубов кон ближните, мирољубието и правдољубието. Само безусловната меѓусебна љубов може да ни помогне да го оствариме мирот, да го запазиме единството во Бога и да ни овозможи заеднички напредок во сите области, пишува Божиновска во честитката.
Во таа насока, наведува Божиновска, сакам да го истакнам придонесот на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија која со својата духовна дејност има активна улога во животот на секој еден верник и дава голем придонес во јакнењето на христијанските вредности во нашата татковина, но и надвор од неа.
– Исполнувањето на оваа благородна мисија претставува вистински предизвик за што се надевам ќе продолжи и во иднина. Зашто само преку љубовта кон ближниот, меѓусебната почит и правењето добри дела можеме да ја оствариме нашата мисија на земјата и да се доближиме до Бога, пишува во велигденската честитка од Валентина Божиновска, претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.