По седми пат, од утре до недела во Прилеп ќе се одржи меѓународниот натпревар во спортско качување „Крали Марко болдер фестивал“, беше соопштено на денешната прес конференција во прилепската локална самоуправа. Организатори на оваа меѓународна атрактивна манифестација се општината прилеп и СКК „Златоврв“.
Настанот ќе биде на локалитетот „Камена Баба“ во организација на Општина Прилеп и СКК „Златоврв“ од Прилеп. Според Ристо Белокапоски, тренер на здружението „Златоврв“, на 7. болдер фестивалот ќе учествуваат 100-тина учесници од повеќе европски држави.
– Овој фестивал е веќе традиционален и е еден од најзначајните меѓународни настани кои се организираат во нашиот град. Оваа година замислата на фестивалот е покрај возрасните групи на качувачи да ги вклучиме и помладите. Главно активностите се в сабота и в недела. В сабота ќе има натпревар и за најмладите. Покрај од Македонија качувачи има од Словенија, Австрија, Албанија, Бугарија и од други земји. Приказната околу болдерингот во нашиот град трае, резултатите се очигледни, секоја година се повеќе странските качувачи доаѓаат во Прилеп. Натпреварот ќе се одржи на локалитетот „Камена Баба“, Маркови Кули. Претходните години се одржуваше кај манастирот Трескавец, но поради градежните зафати за обновата на конаците, решивме натпреварот да биде на овој локалитет во близина на вештачкото езеро, вели Белокапоски.
Дел од странските гости пристигнаа веќе во Прилеп и велат дека терените се одлични, а Прилеп има огромен потенцијал за развој на овој спорт.
– Ние сме качувачи од Австрија. Имаме голем потенцијал за качување, но одлучивме пред два месеца да дојдеме тука откако го гледавме настанот „Петзл Роцк Трип“кој се случи во Прилеп во 2014 година. Дојдени сме неколку дена, поточно од саботата и ги искачуваме сите сектори на локалитетот „Камена Баба“. Ова се доста добри терени за искачување и има добри карпи, изјави Лукас Сајбалд, качувач од Австрија.
Инаку болдерингот е искачување на помали карпи, без никаква опрема. Прилеп е една од 10-те топ дестинации за развој на болдерингот во Европа.
-Сакам да ја нагласам разликата помеѓу болдерингот, спортското качување и алпинизмот. Зборот болдер значи карпа, во болдерингот се искачуваат карпи со висина до 5 метри, без никаква опрема. Во 2016 година спортското качување стана олимписки спорт и тоа за прв пат ќе се презентира како такво на олимписките игри во Токио, Јапонија“, објасни Сара Пановска член на здружението „Златоврв“ од Прилеп.
Според прилепскиот градоначалник Марјан Ристески Прилеп е препознатлив меѓу поддржувачите на овој атрактивен спорт. Со болдерингот Прилеп повеќе пати се најде и на страниците на светските медиуми. Британскиот двомесечник „Цлимбер“, француското списание за искачување „Гримпер“, списанието „Ле Алпи“,кое го издава клубот за алпинизам на Швајцарија и големиот број балкански спортски магазини се само дел од медиумите кои ја пренесуваат болдеринг приказната за Прилеп и е максимално поддржана од локалната самоуправа.
– Болдерингот е еден од екстремните спортови кои се доста популарни во светот, а Прилеп претставува еден од светските центри за одвивање на вакви меѓународни купови. Со овој меѓународен куп започнува и сезоната на екстремните спортови, а Прилеп постепено се промовира како центар за екстремни спортови за овој дел на Балканот и мислам дека оваа година ќе имаме илјадници посетители за сите овие спортови. Како локална самоуправа ние и понатаму максимално ќе ги поддржуваме сите овие екстремни спортови како што се болдерингот, параглајдингот, планинскиот велосипедизам, ултра планинскиот маратон, мото крос трките и другите екстремни спортови, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Од локалната самоуправа ги поканија сите граѓани од 14 до 16 април да го посетат теренот на „Камена Баба“ и да го проследат овој натпревар.