Европскиот суд за човекови права ја објави пресудата за „случајот Беслин“ во која се вели дека Русија не успеала да го спречи масакрот, во кој беа убиени повеќе од 330 лица, меѓу кои 186 деца, како и опсадата што ја извршија десетина милитантни Чеченци.
Во почетокот на септември 2004 година, тешко вооружени мажи и жени, сите Чеченци, употребувајќи оружје, упаднаа во дворот на основното училиште во градот Беслин, во Северна Осетија, во кој имало над илјада лица, најмногу ученици, нивните родители и наставници, сите собрани за да го прослават почетокот на новата учебна година.
Напаѓачите сите затекнати ги прогласија за заложници и побараа од руските власти повлекување на руската армија од Чеченија, како услов за ослободување на заточените.
Три дена траеше заложничката криза, по што руската армија и безбедносните сили презедоа операција за разбивање на опсадата на училиштето, но притоа употребија тешко оружје и воена сила.
Во жестоката пресметка беа убиени сите напаѓачи, освен еден кој беше заробен, но притоа загинаа и многу цивили и деца.
Судот во Стразбур, остро ја осуди воената операција за совладување на напаѓачите, затоа што беше употребена прекумерна сила, не водејки сметка за заложниците.
Сведоците, кои биле заложници, изјавиле дека целата операција делувала хаотично, а Судот ја искритикува руската Влада и претседателот Владимир Путин дека ги игнорирале предупредувањата на сопственото разузнавање дека е можен ваков напад на чеченските сепаратисти, со користење на заложници.
Руските власти спроведоа истрага што траеше неколку години, но на крајот никој не беше проглесен за виновен за големиот број жртви меѓу заложниците.
Родители на убиените деца, како и блиски на загинатите неколку години бараа одговор од руските власти, дали требеше толку скапо да се плати пробивањето на опсадата на училиштето во Беслин.
Повеќе од 400 од нив помош побараа од Судот за човекови права во Стразбур.