Аргентина парализирана од генерален штрајк, тензиите во земјата растат

Од:

Аргентинците денеска со протест против владините мерки за штедење ја парализираа земјата, откако синдикатите го свикаа првиот генерален штрајк во 16-месечното владеење на претседателот Маурисио Макри, пренесоа британските медиуми.

Возачите на камиони, учителите, работниците во фабриките и службениците на аеродромите и на царините од полноќ почнаа 24-часовен штрајк.

Утринава дојде и до интервенција на полицијата во Буенос Аирес, каде демонстрантите блокираа еден од главните патни правци кон престолнината, забележаа француските медиуми.

Откажани се сите денешни летови на внатрешните и меѓународните линии. Градскиот транспорт во Буенос Аирес, исто така, е запрен.

Според локалните медиуми, полицијата употреби солзавец против демонстрантите кои го блокираа Панамериканскиот автопат, што е главната патна артерија од север кон Буенос Аирес.

Владата на Макри предупреди дека нема да дозволи блокади на патиштата.

Силите на редот интервенираа со отстранување на демонстрантите кои одговорија со фрлање камења по возачите.

– Целта ни е луѓето кои сакаат да отидат на работа, да можат да го направат тоа, посочи министерката за безбедност, Патрисија Булрич.

Протести има во целата земја.

Макри, кој ја поддржува слободната либерална економија и слободниот пазар, Аргентина ја предводи од 2015 година. Тој ја укина контролата врз валутата и трговијата и ги намали владините трошења, вклучувајќи ги и субвенциите за гас, што доведе до драстичен скок на сметките за затоплување.

Демонстрантите, исто така, инсистираат на зголемување на платите во согласност со растот на инфлацијата, која минатата година достигна 40 проценти, а годинава се очекува да биде на нивото од 20 проценти.

– Ситуацијата е драматична, во интервју за Ројтерс изјави Хулио Пиумато, портпарол на синдикатот на Генералната конфедерација на трудот.

Според него, богатството е концентрирано во рацете на неколку лица.

– Нужни се итни мерки за создавање работни места. Секој трет Аргентинец е сиромашен, посочи тој.

Истражување на јавното мнение од минатиот месец покажа дека за првпат откако Макри ја презеде власта мнозинство Аргентинци не ја одобруваат неговата работа, отколку што ја одобруваат.

Бруто домашниот производ (БДП) на третата латиноамериканска економија во 2016 година се намали за 2,3 отсто и покрај лесното заживување на крајот од годината (-0,2 отсто во третото тримесечје и +0,5 отсто во текот на четвртото тримесечје).

Би можело да ве интересира

Аргентина делумно ќе ги укине даноците наметнати на стоки купени во странство

Пет лица уапсени за уривањето на хотелот Дубровник во Аргентина: Едно лице загина

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Се урна хотелот „Дубровник“, спасувачите трагаат по исчезнатите

Исекоа шума во Аргентина, папагалите се спуштија во градот, гризат кабли, ги излудуваат луѓето

ВИДЕО: Хаос на стадион – голманот на Бока се судри со навивачите

Предраг Петровиќ

Бразил продолжи со катастрофалната игра, загрозен е пласманот на Мундијалот по поразот од Парагвај

Предраг Петровиќ