„Автентичност и Барток“ е насловен вечерашниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, на кој како солист ќе настапи Нинг Фенг, еден од водечките виолинисти во Кина денес.
Нинг Фенг, кој свири на виолина „Страдивариус“ од 1721 година, е меѓу најбараните музичари и во Европа. Тој живее во Берлин и има светска кариера. За македонската публика ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 2 од унгарскиот композитор Бела Барток.
– Критиката за Нинг Фенг ќе каже дека е уметник со прекрасен лиризам и емотивна транспарентност, дека е музичар со инспиративни технички остварувања, соопшти Филхармонијата.
Нинг Фенг студирал на Конзерваториумот за музика во Сишуан, потоа на Школата за музика „Ханс Еислер“ во Берлин со познатата виолинистка Антје Вајтхас, како и на Кралската музичка академија во Лондон со Ху Кун, каде што станал прв студент кој некогаш бил награден со 100 проценти за неговиот завршен рецитал.
Фенг е добитник на многу награди, меѓу нив и на престижните меѓународни натпревари по виолина „Паганини“, „Кралица Елизабета“ и „Јехуди Менухин“ во Лондон, каде што денес е член на жирито, или на „Мајкл Хил“ во Нов Зеланд.
Оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја изведе и Симфонијата бр. 8 од чешкиот композитор Антонин Дворжак, еден од најзначајните претставници на музичкиот романтизам. Диригент на вечерашниот концерт е врвниот маестро од Израел, Јерухам Шаровски.