Унгарскиот Парламент го усвои заонот што ја предизвика полемиката во јавноста, а кој може да доведе до затворање на Централноевропскиот универзитет, што во Будимпешта беше отворен во 1991 година од американскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос, а кој во меѓувреме унгарскиот премиер Виктор Орбан го претвори во црна овца, пренесоа француските медиуми.
Новиот закон, што Владата на Орбан на 28 март го претстави во Парламентот усвоен е во забрзана процедура. За него гласаа 123 пратеници, а против беа 38.
Законот предвидува одземање на лиценцата за работа на странските универзитети и институти, кои не располагаат со кампус во нивните „матични земји“.
Оваа одредба посебно е насочена против Централноевропскиот универзитет – образовна институција која наставата ја изведува на англиски јазик, создадена во Унгарија непосредно по падот на комунизмот за да ги поттикне добрите управувачки пракси, настојчив развој и социјална трансформација.
Орбан, кој отворено го изразува својот восхит кон рускиот претседател Владимир Путин, оваа наставна институција ја обвини за нарушување на унгарското законодавство.
Заканата од затворање, што виси врз универзитетот, последните денови појави големо протестно движење. Над 900 универзитетски професори и експерти од цел свет, меѓу кои и осум лауреати на Нобеловата награда за мир, ја потпишаа петицијата која повикува на повлекување на законот.
Во неделата околу 10.000 лица протестираа во Будимпешта за поддршка на универзитетот. Нов митинг е закажан за попладнево.
Централноевропскиот универзитет тврди дека во него се запишале 1.800 студенти од 100 земји. Тој е меѓу 100-те најдобри наставни институции во светот во категоријата за политички науки, според ранкингот на британската компанија за оценување во областа на образованието „Квакарели Сајмандс“.