Преку мерки утврдени во Акциски план што Владата го усвои на последната седница ќе се превенираат штетните влијанија и последиците од студеното време врз здравјето на граѓаните. Планот е направен врз основа на стручна и експертска анализа со учество на релевантни сектори чии препораки се интегрирани во него.
– Со усвојувањето тој има сила на законска одредба и предвидува определени обврски како за државните институции, така и за приватниот сектор ,бидејќи во него се внесени законските одредби кои дефинираат постапување на приватни субјекти во врска со организирање на работното време во услови на студен бран, рече на денешната прес-конференција портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.
Мерките и активностите во планот се предвидени согласно фазата која ќе биде прогласена, а во зависност од временските прилики и температурите, а ќе бидат координирани преку повеќе надлежни министерства и институции, како и граѓанскиот сектор.
Планот предвидува три основни фази и една зелена подготвителна. Во основните се предвидени жолта или предупредувачка, портокалова која алармира на студен бран и црвената фаза на екстремно ниски температури.
Жолтата фаза, во која што се наоѓа во моментов Македонија, продуцира состојба на предупредување, односно се објавуваат препораки до јавноста, се дава налог за активираање на општите и специфични мерки доставени до здравствените, образовните и социјални установи, се применува поактивен пристап наменет кон старите осамени и социјално изолираните лица и бездомниците, како и помош на ранливите групи при обезбедување огрев, храна и лекови.
Препораки на Владата за заштита во зимскиот период се навремена вакцинација против сезонски грип, редовно земање на пропишаната терапија, пиење топли напитоци, добра исхрана, избегнување аклкохол и носење соодветна облека.
Втората или портокаловата фаза на студен бран предвидува препораки на Владата за ослободување од работни места на лица постари од 60 години, бремени жени, скратување на работното време, реорганизација на работното време во образовните установи. Оваа фаза предвидува и активирање општи и специфични мерки во здравствените, образовните и социјалните установи, помош при дотур на храна и лекови, огрев или здравствена помош на социјално загрозени лица, обезбедување прифатилишта за бездомници, како и издавање постојани соопштенија за состојба на приправност, за општото население, ризичните групи и за здравствените, социјални и образовни установи, како и спроведување мерки за заштита на лицата кои се изложени на студ на работните места.
Посебни препораки во оваа фаза има за заштита на работниците особено оние кои работат на отворено.
Последната или црвената фаза, односно фазата на екстремно ниски температури предвидува обезбедување на проодност на транспортната инфраструктура и чистење на тротоари и патеки што ќе биде во координација со Министерството за транспорт и врски, обезбедување на прифатилишта за бездомници, специфични акции за ранливи групи, како и дополнителни мерки од страна на Владата во однос на работното време за одредени сектори, ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението.
Во оваа фаза, како што истакна Ѓорѓиев, е предвидено и прогласување кризна состојба и постапување во такви услови, при екстремно ниски температури, недостаток или дефект на електрична енергија, нарушена критична инфраструктура, отежната сообраќајна комуникација кога се активира Републичкиот план за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи.
Работодавачите во вакви услови, меѓу другото, треба да ја организираат работата во посебен режим на услови на студен бран и особено на екстремнно ниски температури кога треба да се обезбедат кратки прекини во работата во топли засолништа. Тие треба да ја организираат работата во најтоплиот дел од денот и да се скратат периоди на работа надвор…
Прогласувањето на фазите ќе зависи и ќе се определува во секој регион поединечно. На пример, четврта фаза во северниот дел од земјата односно скопскиот регион ќе се прогласува со – 19 степени измерени во текот на денот. Црвена фаза во осоговско-малешевскиот регион ќе се прогласи на – 23 степени, во јужниот дел од земјата на – 18, пелагонискиот регион на -21, во охридскиот езерски регион на -16 и регионот на Полог и Поречието на -23 степени.