Австрија одлучи да ја тужи Германија поради воведување патарини кои според Виена, се во спротивност со договорот во ЕУ што се однесува на еднаквост на сите граѓани на Унијата.
Министерот за сообраќај на Австрија, Јерг Лајхтфрид изјави денеска на прес конференција дека ќе биде поднесена тужба пред Европскиот суд бидејќи патарината во Германија е дискриминација врз основа на државјанство.
Пакетот закони со кои се воведува спорната патарина, усвоен е претпладне во германскиот Бундесрат, откако пред неколку дена го прифати Бундестагот. Новите закони се очекува да бидат применети од 2019 година.