Развој и оптимизација на употребата на GS1 глобалните стандарди и решенија, како и зголемување на општата свест за неопходноста од примената на новите технологии и методи со посебен акцент на бенефитите на сите учесници во здравствениот систем, е целта на првата меѓународна конференција во организација на GS1 Македонија на тема „Практична примена на GS1 стандардите во здравството и бенефитите од нивното користење“, која се одржува денеска во Скопје.
На конференцијата беа презентирани теоретски практични искуства на успешна примена на меѓународни GS1 стандарди во здравството на меѓународно и на локално ниво.
Извршниот директор на GS1 Македонија, Слаѓана Милутиновиќ во обраќањето пред присутните на конференцијата рече дека GS1 Македонија е единствен и лиценциран претставник на GS1 Global office за примена на меѓународни GS1 стандарди во Македонија, нивна имплементација и развој на GS1 системот. Таа посочи дека со примена на GS1 стандардите може да се спасат животи и да се заштедат средства во здравството.
Бенефитите од GS1 стандардите за една болница, како што рече, прв ги осозна директорот на Специјалната болница за хирушки болести „Филип Втори“, д-р Жан Митрев, кој заедно со неговиот тим пристапи кон имплементација на GS1 стандардите во целокупното работење на болницата.
Целта на конференцијата, истакна Милутиновиќ, е да го промовираме овој историски чекор напред во Македонија преку пилот проектот кој е прв од ваков вид не само во Македонија туку и во регионот.
– Очекуваните ефекти од конференцијата се унапредување на работата и заедничката соработка на организациите од сите сегменти на производниот и непроизводниот сектор со активно вклучување на сите административни и регулаторни тела и органи на Министерството за здравство, нивно информатичко поддржување и мрежно пренесување на информациите преку интегриран информатички систем при што ќе се намалат грешките и трошоците, а истовремено ќе се зголеми безбедноста на пациентите, рече Милутиновиќ.
Директорот на Бирото за лекови, Илчо Захариев рече дека во 2007 година кога го донеле новиот Закон за лекови и медицински помагала решиле да го хармонизираат македонското со европското законодавство, ги транспонирале европските директиви и направиле Закон кој е применлив практично во Македонија, а носи правила на игра кои ги има во Европа.
Направивме, укажа тој, правилник за начинот на означување на лековите во кој дефиниравме имплементација на GS1 стандардите односно задолжително секој лек на кутијата мора да има бар код.
– Ако еден производител од Велика Британија конкретно „Глаксо“ произведува некој лек, и ако го означи согласно светските стандарди ние лесно може да го следиме тој лек во целиот систем-значи од моментот на регистрација каде сега на регистрациското решение ќе го има тој бар код, понатаму во делот на неговиот увоз, веледрогеријата, дистрибуцијата до аптеките, до здравствените установи. Тој лек можеме да го следиме со сите негови аспекти – неговиот квалитет, серија, неговиот рок и истовремено да утврдиме дали е фалсификуван, истакна Захариев.
Тој додаде дека над 30 отсто од лековите во неразвиените земји и 10 отсто во развиените се фалсификувани.
GS1 стандардите веќе се применуваат во многу европски држави за идентификација на лековите. Преку воведувањето на глобални стандарди во синџирот на снабдување, болниците можат да ги намалат грешките при лекување и да го подобрат управувањето со инвентарот, како и видливоста на производите и средствата.
GS1 Македонија е непрофитна, невладина организација која дава услуги на сите заинтересирани субјекти од сите сектори, овластена од страна на меѓународната GS1 организација со седиште во Брисел за доделување индентификациски броеви за баркодирање, за развој и имплементација на GS1 стандардите во Македонија со цел да ги спроведе, анализира и предложи најдобрите GS1 решенија за сите сектори, вклучително и во здравството.