Облечени во одела на своите омилени јунаци од детските стрипови и преправени во супермени, бетмени, пчелички, бубамари, кловнови, волшебници и разни други имагинации, повеќе од илјада најмлади жители на Гевгелија денеска го одбележаа Денот на шегата со учество на традиционалната манифестација „Априлијада 2017“.
Учесници на манифестацијата беа дечињата од трите детски градинки и двете основни училишта од Гевгелија кои пред насобраниот народ и своите родители се претставија со колективни и индивидуално изработени маски.
Специјално жири ги оценуваше маските кои беа презентирани денеска, а децата на најуспешните пет маски, градоначалникот Иван Франгов ги награди со принтери. Пионерскиот дом како организатор и покровителот, општина Гевгелија, традиционалната „Априлијада“ ја одржаа ден порано затоа што утре е неработен ден за градинките и основните училишта.