Вевчанци најавуваат граѓанска непослушност и неплаќање на сметките кон државата, ако под итно не се реши проблемот кој го имаат со нередовното снабдувње со струја. Жителите од утрово почнаа со петиција, а како граѓанска иницијатива која ќе биде испратена до ЕВН Македонија, од која ќе бараат надомест на штета поради честите прекини во напојувањето со електрична енергија и поради тоа што во време на ниски температури и многу снег го оставиле селото без струја неколку дена.
Вевчанци најавуваат дека ако и во наредниот период продолжи како што го нарекуваат несериозниот однос на компанијата кон Вевчани тогаш ќе поднесат и соодветни тужби. Градоначалникот Перо Илиевски за А1 рече дека од 10 часот цело село добило струја, но и покрај тоа не отстапуваат од нивните барања
„Од ЕВН ни рекоа дека проблемот е во честите дефекти на далеководите на трафостаници, паднати дрва на мрежите и ред други изговори, но и да е така за тоа треба да се интервенира навреме. Жалосно е во 20 век Вевчани да не биде квалитетно снабден со електрична енергија Вевчани е општина која оди напред кон Европа , а во 20 ти век 5-6 дена да нема струја тоа е незамисливо. И граѓаните почнуваат преку здруженија да се организираат за граѓанска непослушност. За овие изминати дена се што е изгубено ќе бараме надоместување на штета и ќе следи и тужба“, вели градоначалникот Перо Илиевски.
Во Вевчани и денеска не работи ниту амбулантата, нити пак училиштето и детската градинка. Слично е и во општина Дебарца. Таму вчера беа отсечени 24 села со околу 2000 жители, не работат дел од училиштата, здраствениот дом, општината. Училиштата во Охрид пак со настава почнаа во 9 часот, а часовите исто така ќе бидат со скратено време.