Комисијата за европски прашања при Долниот дом на германскиот Парламент, Бундестагот, денеска одржува редовна седница на која покрај прашањата за Брегзит и царинската унија на ЕУ по истапувањето на Велика Британија, ќе расправа и за состојбата на Западен Балкан.
Како што јави дописникот на МИА од Брелин, Комисијата ќе расправа по информацијата подготвена од Федералната влада за актуелната состојба на западниот Балкан, особено за ситуацијата во Босна и Херцеговина и Македонија.
Се очекува пратениците да расправаат и за состојбата во Косово, по најавите за формирање на косовска армија, за политичката криза во Албанија, каде опозицијата ги бојкотира институциите и одбива да учествува на парламентарните избори, а не се исклучува да се дебатира и за последиците по стабилноста на регионот по последната набавка на руско оружје од страна на Србија.
На седницата на Комисијата, на која ќе присуствува и германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел, ќе стане збор и за актуелните европски прашања со акцент на заминувањето на Велика Бритнаија од Европската Унија, како и за последиците од Брегзитот по царините.