Сообраќајот на магистрални и регионални патни правци се одвива тековно во зимски услови. Активни забрани за сообраќај на тешки товарни возила моментно има на крак Маврово-Дебар, планинскиот превој Стража, Дебар-Струга, Тетово-Попова Шапка, каде забраната важи и за автобуси и патниот правец Кичево-Македонски Брод-Прилеп, соопшти утринава Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Коловозите се претежно влажни, наместа со остатоци од снег. Поради многу ниски температури во утринските часови можна е појава на голомразица. Се препорачува внимателно возење и прилагодување на брзината кон условите на патот.
Дежурните екипи на ЈП „Македонија пат“ се на терен, редовно ги контролираат, опесочуваат и расчистуваат сите патни правци, се вели во соопштението.