Британија почнува и официјално да излегува од ЕУ

Од:

Велика Британија се очекува утре официјално да побара излез од ЕУ и иако е предвидено процедурата за излезот да трае две години, во овој момент никој не може да каже колку долго ќе трае тој процес и како ќе изгледаат идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија, јавува Танјуг.

Иако, граѓаните на Велика Британија уште од минатиот јуни на референдум со 51,9 отсто гласови одлучија нивната земја да биде прва во историјата која ќе ја напушти Европската унија, официјалната процедура за раздружувањето ќе почне на 29 март со покренување на членот 50 од Лисабонскиот договор, кој важи за дополна на своевидниот устав на ЕУ.

Се очекува британската премиерка Тереза Меј утре официјално да ја извести ЕУ за барањето на Велика Британија да излезе од членството на Унијата. Овој чин се опишува и како „точка по која нема враќање” т.е. можност Британија да го промени ставот и да се откаже од Брегзитот, на што се надеваа многумина од двете страни на Англискиот канал.

Од тој момент почнува да тече рокот од две години преговори на Брисел и Лондон, во кој се предвидува дека Велика Британија официјално ќе ја напушти ЕУ најдоцна до април 2019 година. Проценките се сепак дека овој процес, кој се состои од утврдување на условите за излезот, но и идните односи на ЕУ и Велика Британија, ќе трае многу подолго.

Како причина се наведува сложеноста на самиот процес, но и фактот дека се оди на „непозната територија”, бидејќи првпат во историјата на ЕУ се покренува членот 50. Членот 50 од Лисабонскиот договор претставува план за излез на држави од ЕУ, потсетува Танјуг.

Пред Лисабонскиот договор, кој стапи во сила во 2009 година, механизам за напуштање на ЕУ не постоеше. Самиот член 50, на кој ќе се повика британската премиерка, релативно е краток, има пет параграфи кои зборуваат за тоа дека „која било членка може да одлучи да ја напушти ЕУ, дека за тоа мора да го извести Европскиот совет и да преговара за излез од ЕУ”, како и дека е предвиден рок од две години за постигнување на договор „кој може да биде продолжен во согласност на сите земји членки”.

Истовремено, членот 50 предвидува земја која излегува од ЕУ да не може да учествува во интерните разговори на Унијата за излезот од неа.

– Како што знаете, лично би сакал Велика Британија да не одлучеше да ја напушти ЕУ, но мнозинството британски гласачи одлучија поинаку. Затоа мораме да направиме се за овој процес на раздружување да биде што побезболен за ЕУ, порача претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.

Тој за 29 април закажа вонреден самит на лидерите на ЕУ 27, кои треба да усвојат насоки за преговорите за Брегзитот. Тоа конкретно треба да биде пакет инструкции и „црвени линии” на кои ќе мора да се придржува Европската комисија, која инаку е задолжена за преговорите со Лондон. Главниот преговарач во име на ЕУ ќе биде поранешниот министер во француската Влада и поранешен ЕУ комесар, Мишел Барније.

Тогаш кога ќе се постигне договорот за излез од ЕУ, тој мора да биде ратификуван во сите национални парламенти пред да стане важечки.

Од двете страни на Ла Манш моментално се проценува дека договорите за воспоставување на нови односи меѓу ЕУ и Велика Британија, пред се ќе бидат во областа на трговијата и слободното движење и ќе бидат многу потешки од самиот процес за излез од членството.

Веќе се спомнува можност на две сценарија т.н. „мек Брегзит” и „тврд Брегзит”, при што првиот оди на рака на бизнисот и значи останување на Велика Британија на единствениот европски пазар или барем некој друг вид на договори за значајни трговски олеснувања.

Меѓутоа многу лидери предвидуваат „тврд Брегзит”, потенцирајќи дека ЕУ условите ќе бидат тешки, за меѓу другото да ги обесхрабрат другите зедмји членки да појдат по патот на Велика Британија.

– Во Европа или го јадете тоа што е на масата или не седите на неа. Получленство и пребирливост не се возможни, порача претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, по повод најавите од Лондон дека Велика Британија сака по излезот да остане дел од единствениот европски пазар. Условот за такво нешто би било слобода на движење за граѓаните, но и работниците на ЕУ на територијата на Велика Британија што и до денес беше основна пречка меѓу Брисел и Лондон.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Британскиот министер за одбрана: Очекуваме САД да ја поддржат Украина се додека е потребно

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија