Во Тетово денеска се одржа втората инфо-сесија од предвидените 18, за подобра бизнис регулатива, соопшти Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).
Инфо-сесиите се дел од проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, а нивната цел е надминување на тешкотиите со кои се соочуваат македонските микро, старт-ап, мали и средни компании при имплементирањето на законите, како и паралелно јакнење на јавно-приватниот дијалог.
– Овие сесии имаат за цел да соберат и информации кои ги вклучуваат најголемите и најтешките прашања со кои се справуваат средните и малите претпријатија. Темите на кои се дискутира се даноци и царина, животна средина, работни односи, здравство,…, наведува СКСЗМ.
Првата инфо-сесија се одржа на 22 март во Велес, а до 7 јуни следуваат сесии и во Куманово, Тетово, Кавадарци, Прилеп, Битола, Струга, Охрид, Струмица, Штип и Скопје.
Партнери за имплементација на УСАИД проектот покрај СКСЗМ се и „Епицентар Интернационал“, Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора за ИКТ (МАСИТ). Проектот е финансиран од Владата на САД со цел да се поддржи економскиот раст преку, како што додава СКСЗМ, ублажување на притисокот врз малите и средни претпријатија од честите промени на законите.