Кумановското здружение на пензионери наскоро започнува со нов проект за помош и поддршка на нивните членови кои се сами и кои имаат здравствени потешкотии, информираше денеска претседателот на локалното здружение, Спирко Николовски. Тој најави дека ќе покренат постапка и поширока акција, при што ќе се формираат тимови составени од волонтери од членовите на здружението.
– Тие ќе имаат обврска да ги посетат болните, изнемоштените и старите лица и да им посветата потребно внимание, да поразговараат со нив и на некој начин да им бидат поддршка, изјави Николовски.
Покрај овој социјален дел, волонтерите – пензионери ќе им помагаат на нивните повозрасни членови во набавка на намирници, плаќање на сметки, секојдневни активности кои самите со потешкотии ги обавуваат, меѓу кои и набавка на лекови.
– На овој начин ќе им се посвети достојно внимание на постарите и изнемоштените, изјави Николовски.
На подрачјето на трите општини Куманово, Липково и Старо Нагоричане има приближно 14.000 пензионери кои се организирани во клубови и ограноци.