Забраната за внесување таблети и преносни компјутери во авионите, воведена од САД за некои летови од арапските земји и од Турција, стапи во сила денеска и за аеродромот во Дубаи, еден од најфрекветните во светот.
Тоа се случува во моментот на најголема посетеност на аеродромот со највисок степен на патнички сообраќај во светот. Околу 1,1 милиони патници се очекува да минат преку аеродромот од вчера до утре, со оглед на тоа дека Обединетите Арапски Емирати го празнуваат доаѓањето на пролетта со еднонеделен одмор.
Во текот на целата година аеродромските власти во Дубаи очекуваат околу 89 милиони транзитни патници.
Американските власти забранија внесување на лаптопи и таблети во авионите на девет авиокомпании, кои пристигнуваат од десет меѓународни аеродроми во арапски земји и Турција, поради опасност од напади.
Сите осум држави, чии аеродроми и компании се опфтени со забраната се сојузници или партнери на САД, Турција, Јордан, Египет, Саудиска Арабија, Кувајт, Катар, ОАЕ и Мароко.
САД не прецизираа колку време ќе трае ограничувањето, но авиокомпанијата „Емиратс“ со седиште во Дубаи соопшти дека добила наредба оваа забрана да ја применува до 14 октомври.
По САД ваква забрана во вторникот воведе и Велика Британија и таа се однесува на Турција и пет арапски земји, Либан, Јордан, Египет, Тунис и Саудиска Арабија, но не и Дубаи.