Индија се држи за „силната рака“

Од:

Комерсант – Москва

Индија ги објави резултатите од регионалните избори во пет држави, кои се всушност по де факто референдум за доверба кон владејачката Баратија џаната (Индиска народна партија) предводена од премиерот Нарендра Моди.

Гласањето заврши со победа за партијата на власт и таа сензационално ги зацврсти позициите и покрај серијата непопуларни мерки, вклучувајќи и болна фискална реформа.

По оваа победа, Моди ги има сите шанси да остане на премиерскиот трон по парламентарните избори во 2019 година и во следните години да ја оствари својата програма за изградба на „Нова Индија“ – задржувајќи се како глобална супердржава.

За успехот на Нарендра Моди придонесува акцентот врз национализмот, истакнувањето на традиционалните вредности, свртување на Индија во „глобална фабрика“ и борбата со корупцијата, олицетворени во сепоголемите копнежи во земјата за „силна рака“.

На пат кон „нова Индија“ во 2022

Изборите за националните собранија кои се одржаа од февруари до март во неколку етапи во пет држави – Утар Прадеш, Утараханд, Гоа, Пенџаб и Манипур, беа момент на вистината за индиските политичари.

Владејачката националистичка партија Баратија Џаната на премиерот Моди изјавуваше дека е решена да ги зацврсти своите позиции во клучните региони; но опозицијата уверуваше дека ќе им даде директен отпор на властите. Опонентите на Нарендра Моди го обвинија дека води „антинародна“ социјално-економска политика и атакува на демократските слободи под претекст на борба со корупцијата.

Главен аргумент на главната опозициска сила – партијата Индиски национален конгрес (ИНЦ), изрази широко незадоволство од фискалната реформа на кабинетот на Моди во ноември минатата година, кои ги исфрли од оптек банкнотите од 500 и 1.000 рупии (7,5 и 15 долари). Властите ја промовираа реформата како дел од програмата за борба со фалсификаторите на пари и корпционерите, но токму пред Нова година, во земјата избувна голема криза со бројот на парите кои беа во оптек.

Но, резултатот од штотуку завршените избори покажа дека сметките на опозицијата биле погрешни. Во најголемата држава – 220-милионската Утар Прадеш, наречена и „срцето на Индија“, Баратија џаната освои 281 места во парламентот со 403 места (за апсолутно мнозинство и беа потребни 202 места). Ниту една партија не победила со толку убедливо во Утар Прадеш веќе 40 години – од 1977 година.

Покрај тоа, Баратија џаната убедливо победи и во Утараханд – доби 55 места во регионалниот Парламент, а за формирање мнозинство и беа потребни 36 пратеници.

– Во следните денови ќе видиме како Баратија Џаната победува и во други држави. Тоа на нашата партија и ветува поубедлив успех на парламентарните избори во 2019 година, изјави нејзиниот лидер Амит Шах по продолжувањето на броењето глалсови во Гоа и Манипур.

Единствениот успех кој го пожнеа опозицискиот ИНЦ, беше победата во државата Пенџаб. – Можеби нешто не правиме како што треба, но никогаш нема нема да правиме нешто со погрешни намери, изјави пред проврзениците Нарендра Моди. – Имаме пет години во кои за 75-годишнината од независноста во 2022 година, да изградиме една нова Индија – земјата од нашите соништа, додаде тој.

Од Нарендра Моди до Доналд Трамп

Често Нарендра Моди го споредуваат со претседателот на Русија, Владимир Путин и со американскиот претседател Доналд Трамп, потенцира за „Комерсант“ потпретседателот на Обзервер рисрч фаундејшн, Нандан Уникришнан, чие седиште е во Њу Делхи.

– Колку и да се условни тие паралели, станува збор за глобална тенденција за појавата на цела група лидери кои го истакнуваат приоритетниот карактер на националните вредности, кои се спротивставуваат на вредностите на глобалниот либерален проект. Во азиско-пацифичкиот регион таквите раководители се претседателот на Филипините, Родриго Дутерте, претседателот на Кина, Си Џинпинг, и јапонскиот премиер Шинѕо Абе. Како што покажува големата изборна сезона во 2017 година, националистичкиот бран се подига и во Европа, вели Уникришнан.

Според експертот, „тоа не е спротивставување на глобализацијата, туку повеќе како реакција против нејзините негативни последици“. Мотото на Доналд Трамп, „Америка на прво место“, се надоврзува на формулата која ја користи Нарендра Моди – „Произведувај во Индија“, која стана негово политичко „верују“ уште во 2014 година. Трамп ветува дека нема да дозволи истекување на американски работни места во Кина, а Моди како своја главна задача си постави што е можно поголем раст на производството во неговата земја.

– Но за дел од индиската елита, која го отфрла национализмот и го обвинува Моди за авторитаризам, победата на владејачката партија на регионалните избори која е способна да ја продолжи епохата на „силната рака“ во најнаселената демократија во светот, предизвика вистински шок, вели Нандан Уникришнан.

Во предвечерјето на изборите, опозиционери го обвинија премиерот дека ја урива националната економија и атакува на интересите на оние со мали имоти.

– Во врска со тоа, редица експерти прогнозираа дека непопуларните чекори на Владата, вклучувајќи ја и демонетизацијата од крајот на минатата година, ќе ги поткопаат позициите на владејачката партија и ќе се одразат на изборните резултати, потсети за „Комерсант“ Татјана Шауман, раководител на Центарот за индиски истражувања во Институтот за ориенталистика при Руската академија на науките.

Гласањето во Утар Прадеш и други држави всушност покажа дека Моди се уште има широка поддршка. А опозицијата, олицетворена во најстарата партија ИНЦ и така не најде заеднички јазик со избирачите.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Пожар избувна во индиската фабрика за iPhone

Горан Наумовски

Голем број мртви и повредени од експлозија во фармацевтска фабрика во Индија

Индија: Бројот на жртви од лизгање на земјиштето се искачи на 151, додека 187 се исчезнати

Заврши најскапата свадба на светот: Веселбите траат од март

Индија: 34 лица починаа, а 80 завршија во болница откако пиеле отровен алкохол

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Се судрија возови во Индија, најмалку 15 загинати