Велосипедската трка која ќе се одржи в недела во рамки на одбележување на патрониот празник на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип влегува во календарот и со неа ќе се отвора сезоната на трки на Велосипедската федерација на Република Македонија. Ова на денешната прес-конференција го соопшти секретарот на федерацијата Сашо Ванчевски.
Велосипедската трка во Штип годинава ќе има нова локација, односно старт и цел. Ќе почнува од автобуската станица, а ќе се вози до кружниот тек кај поранешен „Базалт“ во Штип. Учесниците во трката ќе се натпреваруваат во седум категории.
– Тоа се сениори, јуниори, кадети по 15, 13 години, мастерс и жени. За рекреативните категории имаме три категории од кои две се натпреварувачки под 15 и над 15 години и ќе имаме промотивна цицибан трка за сите деца од најмала возраст. Кругот е еден километар и 200 метри, а во сооднос на возрасната категорија на учесниците ќе биде перманентно зголемуван бројот на круговите за секоја повозрасна категорија, а за децата цицибан ќе биде само 400 метри, која е промотивна, а сите останати категории ќе бидат наградувани, рече Ванчевски.
Тој истакана дека оваа трка се бодува за ранг листата на Велосипедската федерација на Република Македонија за категориите од 13 и 15 години Во трката ќе учествуваат околу 70 лиценцирани велосипедисти и над 200 рекреативци.
Проректорот на универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип Кирил Барабареев рече дека подготовките за трката се почнати, а годинава таа ќе има и меѓународен карактер.
– Во организацијата на трката ќе бидат вклучени околу стотина студенти – волонтери на настанот, ќе бидат вклучени околу 50 вработени, со поддршка на Министерството за внатрешни работи, СВР – Штип, со поддршка на општина Штип, со поддршка на Синалко и Кожувчанка како спонзори, рече Барбареев.
Тој доадде дека дека во организацијата се вклучени и градинките и училиштата во Штип. Барбареев најави дека во Штип по 20 години ќе се формира и велосипедски клуб.