Градежните работи за изградба на пат до планинарскиот дом „Вртешка“ на планината Плачковица во Општина Карбинци продолжуваат во април, со подобрување на временските прилики информираше денеска директорката на Центарот за развој на Источно планскиот регион, Драгица Здравева.
Изградбата на овој пат беше стопирана поради лошите временски услови. Средствата од 200.000 евра се обезбедени минатата година преку Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за рамномерен регионален развој.
– Ние ја работиме првата фаза за изградба на патот, која изнесува 12 милиони денари. Првата фаза е веќе завршена има одредени корекции, забелешки од страна на Надзорниот орган од фирма Геинг од Скопје. Тие работи треба да се корегираат и да се почне со асфалтирање. Информирани сме од фирмата која што работи на овој проект дека во најскоро време, бидејќи сепак се работи за планински предел очекуваат уште мало подобрување на условите за да можат во целост да ги завршат своите обврски, вели Здравева.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Зоран Минов вели дека за доизградба на патот до еден од најубавите планинарски домови во земјава остануваат уште еден километар. Тој се надева дека средства за доизградба на овој пат ќе се обезбедат од буџетот на Владата или од други странски донации. Планинарскиот дом „Вртешка“ се наоѓа во еден од најубавите предели на планината Плачковица од страна на Општина Карбинци и е место кое покрај планинарите го посетуваат и туристи.