Под мотото “Придружете се кон глобалната акција за пошумување и борба против климатските промени – Оставете „зелена трага“ во природата !”, во Демир Капија денеска беше одбележан Меѓународниот ден на шумите, во организација на Јавното претпријатие “Македонски шуми”.
На претходно подготвени површини, учениците посадија околу 3.000 садници под мотото „ Шума на младите“ – жив споменик на младите за идните генерации“.
-Обединетите Нации и членките на ФАО – Организацијата за храна и земјоделство, во 2013 година одлучија да го прогласат овој ден за ден на шумите, со цел да се подигне свеста за важноста на сите видови на шуми и дрвја надвор од шумите. Препораките се следни, се повикуваат сите земји-членки да се посветат на одбележувањето на овој ден, соодветно во националниот контекст, преку презентирање и промовирање на конкретни активности во однос на сите видови на шуми и дрвја надвор од шумите, да организираат активности како што се кампањи за садење дрво, информираше Јован Јованов, директор на подружницата во Демир Капија.
Настанот беше организиран во соработка со општина Демир Капија и Јавното комунално претпријатие, со учество на учениците од Основното училиште „Димче Ангелов Габерот“, ЈП Македонски Шуми – Демир Капија и останатите локални институции, заедно со граѓански здруженија и сите заинтересирани граѓани.