Јаромир Левичек, член на делегацијата на Европската унија, на денешната презентација за правна помош и пристапот до правото упати критики до министерството за правда дека не е доволно посветено и ангажирано во поглед на информирање на општеството за правната помош која можат да ја добијат граѓаните како и за минималниот буџет кој е определен за ваквите дејства и активности кои треба да се спроведат од страна на власта и министерството за правда.
– Многу апликанти за правна помош не добиваат никаков повратен одговор на нивното барање или пак добиваат правна помош премногу доцна, односно кога ќе истечат правните рокови, вели Левичек.
Тој истакна дека според истражувањата на европската комисија за правда, Република Македонија има најмал буџет за правна помош во цела Европа. Според него, не разбирливо е зошто буџетот за толку важна работа е толку ограничен и како што кажа, ваквите прашања треба да се приоритет.
Правната помош е пристап до правдата за сите, посебно за сиромашните луѓе кои не можат да си дозволат правен совет или судење. Ваквата помош ја има во сите држави членки на Европската унија. Пристапот до правда е еден од стандардите кои е поставен од страна на европскиот суд како би се создал добар систем за правна помош на граѓаните.
-За овој систем да биде успешен, тој треба да биде поддржан финансиски и административно од страна на државата, невозможно е воспоставување на ваков систем доколку самата држава не се вклучи во негово спроведување, вели Левичек.
Според него, граѓаните треба да бидат повеќе информирани за правната помош која можат да ја добијат преку јавни кампањи кои треба да бидат организирани од страна на министерството за правда како и локалните власти. Како што кажа тој, во овој сегмент медиумите исто така играат важна улога како фактор кој може да ја крене свеста на граѓаните за своето право на правна помош.
Виктор Јованов