Блискиот соработник на германската канцеларка Ангела Меркел и потпретседател на Христијанско демократската унија (ЦДУ), Фолкер Буфиер денеска изјави дека турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги преминал сите линии со споредбата на владата во Берлин со нацистите и затоа не е веќе добредојден во Германија.
– Доволно е. Господинот Ердоган и неговата влада не се добредојдени во нашата земја и тоа мора да биде јасно сега, изјави за радиото ДФЛ Буфиер, кој е премиер на покраината Есен, каде се наоѓа финнансискиот центар Франкфурт.
Како што јаву дописникот на МИА од Берлин, вчера на споредбите на германската Влада со нацистичкиот режим на Адолф Хитлер реагираа и министерот за надворешни работи Зигмар Габриел и шефот на кабинетот на канцелларката Меркел, Петер Алтмаер, кој најави дека Германија ќе ја брани својата чест во спорот со Турција.
Последниот од низата конфликти што минатава година се случија на релација Берлин-Анкара е во врска со учеството на турските официјални претставници на митинзите на германско тло за референдумот со кој на 16 април турскиот претседател треба да добие поголеми уставни ингеренции.
Неколку германски покраини веќе забранија собири поврзани со референдумот поради безбедносни причини.
Во Германија живеат над 3 милиони Турци или граѓани со турско потекло од кои околу 1,4 милиони имаат право на глас на референдумот во Турција. Според резултатите од последните избори, поголем број од германските Турци со право на глас во Турција гласаат за партијата на Реџеп Тајип Ердоган.