Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, по денешниот состанок за Реформаската агенда на Босна и Херцеговина во Сараево, изјави дека конкретните резултати од реформите не мора секогаш да бидат видливи за граѓаните, но дека сепак ефектите од нив се позитивни.
Хан прецизираше дека во 2016 година е регистрирано зголемување на индустриското производство и на извозот од БиХ за околу 10 проценти, како и дека во кантонот Сараево се регистирани за 20 отсто повеќе мали и средни претпријатија.
Тој нагласи дека реформскиот план мора да биде продолжен и дека треба да бидат исполнети условите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за продолжување на ангажманите и за исплаќањето на следните транши.
Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ ја повтори определеноста на Владата во Сараево за спроведувањето на реформите во насока на европската интеграција и економски развој.
Звиздиќ додаде дека процесот на реформите треба да го следат инвестициите во проектите што ги предложила БиХ, а ќе бидат финансирани под услови што се поволни за земјата.