„Кога ќе се изанализира извештајот на Министерството за информатичко општество и администрација, јасно се гледа дека до 2016 година Турците се сосема заборавени при имплементацијата на Охридскиот рамковен договор. Според официјалните статистики вкупно 145.000 граѓани добиваат плата од државниот буџет, додека пак учеството на граѓаните од турската етничка заедница е само 1.61%.
Тоа значи дека во администрацијата има вкупно 1.781 граѓанин од турската етничка заедница. Поради фактот што Охридскиот рамковен договор не е спореведен транспаренто и праведно за жал Турците не се доволно претставени во државната и јавната администрација. Потребни се итни реформи со кои ќе се овозможи праведно спроведување на Охридскиот рамковен договор во однос на помалку бројните етнички заедници.
Иако од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека се заложуваат за заедничка Македонија, бројките кои се изразени во извештајот на Министерството за информатичко општество и администрација јасно докажуваат дека тие се бореле само за своите интереси. Доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина се бореше за заедничка Македонија, тогаш и бројките ќе беа поинакви.
Но, ние на изборите кои се одржаа на 11-ти Декември дадовме збор на Турците во Македонија. Турците во Македонија нема да бидат граѓани од трет ред, туку ќе бидат рамноправни како и сите други во Македонија. Ќе дејствуваме за спроведување на Охридскиот рамковен договор во полза на сите помалку бројни етнички заедници во Македонија“, се вели во соопштението на Енес Ибрахим, пратеник во Собранието на Р.Македонија и генерален сектетар на Партијата за движење на Турците – ТХП.