Центарот за Даунов синдром (ДСЦ) денеска во Јавна соба организира креативна работилница за пријателите кои сакаат да се дружат со лица со Даунов синдром.
Целта на работилницата е преку заедничка дружба со лицата со Даунов синдром, да се изработи накит, украсни картички и други естетизирани предмети под покровителство на модераторките Олика Селивон, Александра Зиновски-Вилиќ и Елизабета Петковска. Овие дела потоа ќе бидат изложени на штанд во Кинотеката на Македонија, на 20-ти март и ќе бидат понудени за продажба како дел од настанот кој го подготвуваат за одбележување на 21 март – Светски ден на Дауновиот синдром.
Работилницата, како и сите други настани кои се во организација на Центарот за Даунов синдром е отворена за сите лица со Даунов синдром (независно од возраста), за нивните семејства и сите нивни пријатели.
Материјалите за работилницата се обезбедени од Лајонс Клуб Алфа Скопје.