Германското Министерство за правда предлага казни до 50 милиони евра за компаните сопственици на социјални мрежи, кои нема брзо да ги бришат клеветите, навредите и т.н. „лажни вети“ од профилите на корисниците, јави дописникот на МИА од Берлин.
Планот, кој денеска го презентираше германскиот министер за правда Хајко Мас, предвидува компаниите да креираат специјални сервиси кои што би работеле 24 часа на ден за да ги откриваат незаконските содржини, по што во рок од седум дена сите маркирани несоодветни објави треба да бидат отстранети од социјалните мрежи.
Според Мас, дел од социјалните мрежи веќе презеле доброволно мерки за спречување на овие појави, но тоа не е доволно.
Мас цитираше резултати од истражување, според кое, социјалната мрежа „Твитер“ избришала само 1 отсто од објавите што корисниците ги оцениле како нелегални, а „Фејсбук“ отсранил околу 39 проценти од навредливите и лажни постови.
Според планот, компаниите ќе мораат да ги избришат и сите копии од нелегалните постови со цел тие да не се појавуваат на други мрежи или на интернет страници, а ќе мораат на секои три месеци да објавуваа извештаи како се справиле со спорниот материјал.
Секоја социјална мрежа ќе мора да именува лице одговорно за поплаките од корисниците, кое лично ќе се соочи со казна од пет милиони евра ако компанијата не го почитува законот.
Според Министерството за правда на Германија, предложените мерки содржани во законот што треба да биде одобрен од Бундестагот, нема да влијаат на слободата на говорот.
Германската Влада нема планови за формирање на т.н, „комисија за вистина“ што требаше да се бори против „лажните вести“, но според министерот Мас доколку лажните вести содржат навреди или клевети, социјалните мрежи ќе одговараат согласно законите на државата.
Фејсбук, кој засега одби да ги коментира предлозите на германската Влада, упте предходно најави дека до крајот на годинава во Берлин ќе биде формирана група од 700 вработени кои ќе ги прегледуваат сите посочени спорни објави.