Најмладите пијанисти од ООМУ „Стефан Гајдов“ од Велес, освоија четири први и едно второ место на напревар за млади пијанисти во Аранѓеловац во Србија во конкуренција на учесници од Србија, Црна Гора, Русија, Босна и Херцеговина и од Македонија.
Професорот по пијано Илија Настовски, кој заедно со професор Јованче Банев ги подготвуваше учениците за натрпеварот каде редовно учествуваат секоја година, изјави дека и овојпат докажале дека се меѓу најдобрите млади пијанисти во поширокиот регион.
– Тоа се најмладите ученици по пијано во нашето музичко училиште во Велес: Ангел Димов, Стефан Ракиџиев, Петар Митиќ и Александра Челев, кои освоија прво место и Горјан Јаневски, кој го освои второто место во конкуренција на најмладите пијанисти, изјави за МИА Настовски.
Инаку, ООМУ „Стефан Гајдов“ постои повеќе од 71 години и е прво музичко училиште во Македонија, а неговите ученици континуирано се учесници на многубројни домашни и меѓународни натпревари по пијано и други инструменти.
– Нашите ученици од секој натпревар се враќаат со освоени први, втори или трети места и се меѓу најдобрите млади музичари и млади музички надежи во земјава и поширокиот регион, посебно на инструментите пијано и виолина, потенцира професор Илија Настовски.