Албанската полиција синоќа во пристаништето во Драч откри и заплени 300 килограми марихуана, која требало да биде пренесена во Италија.
Дрогата била откриена на контролниот пункт, во камион со албански регистарски таблички, кој требало да влезе во траектот кој сообраќа на релација Драч-Бари. Полицијата го привела возачот на камионот Агим Ајази (53), албански државјанин.
Според агенцијата Балкан веб, ова е петта голема пратка со марихуана запленета во Драч овој месец. Освен кон Италија, нарко дилерите не мируваат и во правец кон Грција а од неодамна и кон Македонија.
Во изминатите денови албанската и грчката полиција имаат запленето околу еден тон марихуна, а македонската околу 300 килограми во две одделни акции. Запленетата марихуна, главно е произведена во селото Лазарат, но површини со ова наркотично растение има и во северниот планиски дел на земјата, како и во централна Албанија.