Во рамките на ГЕФ Дримскиот проект, денеска и утре во Тирана се одржува работен состанок на Координативниот Тим на Проектот со националните експерти од Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора кои ќе ги изработуваат Тематските извештаи во рамките на Прекуграничната дијагностичка анализа на Дримскиот Басен.
На состанокот ќе се утврдат начините на колектирање на податоците и изготвување на анализите и тоа за загадувањето, хидрологијата и хидрогеологијата, биодиверзитетот, социоекономијата, инстутиционалната и легална поставеност и врската помеѓу водата, енергијата, земјоделието и екологијата. Извештаите ќе треба да дадат заклучоци за статусот и мерките во сите наведени сектори.
Овие извештаи се и поддршка на Прекуграничната Анализа и со тоа на Стратешкиот акциски план за целиот Дримски Басен кој ќе ги утврди приоритетите за идна акција за заштита и унапредување на управувањето со басенот и со трите езера кои се во негови рамки Охридско, Преспанско и Скадарско.