Потребно е брзо формирање влада посветена на итните реформски приоритети со цел земјата да ја надмине политичката криза и да се врати на евроатлантскиот пат, порача специјалниот ополномоштеник на германското МНР за Југоисточна Европа и Турција Кристијан Хелбах по разговорите во рамки на дводневната посета на Скопје.
Тој изрази уверување дека претседателот на државата Ѓорге Иванов ќе дозволи парламентарното мнозинство да формира влада.
Хелбах истакна дека неговата посета на Македонија има за цел да ја изрази германската посветеност на иднината на земјата и ја реафирмираше поддршката за евроатлантскиот пат што е, рече, во согласност со претходните изјави на еврокомесарот Јоханес Хан и на високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.
– Убедени сме дека претседателот ќе покаже мудрост и ќе ги почитува резултатите од неодамнешните избори и ќе му дозволи на мнозинството во Парламентот да формира влада што е можно поскоро. Парламентот мора да биде способен по оваа долготрајна криза да ја преземе својата работа со цел да се посвети на итните прашања пред кои е исправена земјата, рече германскиот дипломат.
Според него, реформскиот процес е од централно значење за земјата бидејќи на луѓето им се потребни работни места, социјална сигурност, владеење на правото, ефективни мерки против корупцијата. Тој упати повик до сите вклучени страни да се воздржат од покренување прашања кои создаваат поделби кои не се поврзани со овие приоритети.
Воедно, ги повика сите партии да дејствуваат одговорно со цел да се избегнат потенцијални тензии.
Хелбах изрази загриженост, како што рече, од негативната реторика кон организациите на граѓанското општество и кон меѓународната заедница и ги повика партиите да се воздржат од таков говор.
Нагласи и, како што рече, дека е од голема важност Специјалното јавно обвинителство да ја продолжи својата работа во соработка со независно, кредибилно судство.
– Како вистински пријател Германија се надева дека политичката криза ќе биде наскоро надмината за што е потребна конструктивна политичка волја од сите учесници, рече Хелбах.
На новинарско прашање истакна дека не гледа ништо спорно во „албанската платформа“.
Германскиот дипломат имаше средби во Скопје со лидерите на политичките партии застапени во Парламентот, со претседателот Иванов и со министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Ова е прва посета на Кристијан Хелбах во својство на специјален ополномоштеник на германското МНР за Југоисточна Европа, Турција на Македонија.