Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Муижниекс, изјави дека е многу загрижен поради новиот закон во Унгарија, со што на властите им се дозволува да ги притвораат азилантите во кампови во јужниот пограничен појас на земјата, вклучително и семејствата со деца, како и адолесцентите кои се без придружба.
Муижниекс истакна дека со донесување на законот ќе бидат прекршени обврските на Унгарија, што се наложени со Европската конвенција за човекови права.
– Место да се осврнува кон притворањето Унгарија треба да инвестира во ефективни и прифатливи алтернативи. Таа, особено треба да го избегнува притворањето деца, нагласи комесарот за човекови права, додавајќи дека е многу загрижен оти новиот закон ќе создаде уште поголем проблем со азилантите во Унгарија.
Унгарскиот Парламент вчера го одобри автоматското притворање на сите баратели на азил во кампови од затворен тип, што се наоѓаат во јужниот пограничен појас на земјата.
– Законот, за кој гласаа мнозинството унгарски пратеници, е усвоен како одговор на неодамнешните терористички напади во Европа, кои беа извршени од мигранти, објасни унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Сите баратели на азил, кои влегуваат во Унгарија, како и оние кои во моментов се наоѓаат во земјата, ќе бидат притворени и префрлени во кампови и нема да им се дозволи да се движат низ државата за време на разгледување на нивното барање.