Две различни пријави во СВР Битола за инцидент во кој учествувал полицаец

Од:

Во СВР Битола вчера се добиени две пријави за ист случај од двајцата учесници во инцидентот кои имале различни верзии за настанот. Еден од нив е 42-годишниот битолчанец В.Б.- полицаец вработен во СВР Битола, а другиот е 47-годишен негов сограѓанин Д.С..

Првата пријава е од В.Б кој вчера во 13.30 часот во СВР Битола пријавил дека еден час претходно, во 12.30 часот, додека бил на пауза во работното време, со неговата сопруга М.Б. се движеле со возило „цитроен“ по ул. „Пеце Матичевски“ и биле пресретнати од патничко возило „дачиа дастер“ во кое бил Д.С..

Според В.Б., Д.С. застанал со возилото на пешачки премин пред возилото на В.Б., излегол, се упатил кон него и со висок тон го пцуел и му упатувал закани по животот. Полицаецот В.Б. излегол од возилото, се легитимирал и усно му наредил на Д.С. да престане со навредите. Д.С. го фатил В.Б. за вратот и почнал да го дави, а потоа го турнал во возилото и повторно му упатил закани по животот. Притоа се обидел и да му го одземе службениот пиштол но не успеал.

Во меѓувреме, како што соопшти МВР, сопругата на В.Б. се јавила кај друг полицаец, кој заедно со уште еден полициски службеник дошле на местото на настанот. Не успеале да му наредат на Д.С. да прекине со нападот, па се обиделе да го лишат од слобода, но тој давал отпор. Кога пристигнале уште неколку полицајци, Д.С. бил лишен од слобода и одведен во СВР Битола, а по извршениот разговор бил пуштен на слобода.

– Против Д.С. ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста”, наведува МВР во дневниот билтен.

По неколку часа, во 17 часот, Д.С. дошол во СВР Битола и пријавил дека истиот ден околу 12.15 часот се движел со своето возило „дачиа“, а кога стигнал на пешачкиот премин пред хотел во Битола застанал за да пропушти пешаци.

Во тој момент, според неговата пријава, поминувал возач на „цитроен“ и почнал да свири по него и да му упатува пцости, по што излегол од возилото, ја отворил вратата на „дачиата“, го извлекол Д.С. од возилото, извадил пиштол, го репетирал и му го вперил во главата со закана дека ќе го убие. Според пријавителот Д.С., тоа бил В.Б., полициски службеник од СВР Битола, кој не се легитимирал.

СВР Битола презема мерки за целосно да го расчисти случајот.

Би можело да ве интересира

За три дена МВР „подели“ дури 2.490 казни за учесници во сообраќајот

Скандалозно: Според Тошковски дивоградбите ќе се уриваат само ако се опасни по живот

По докази за дивоградби, полицијата влегла во општините Чаир, Сарај, Аеродром и Кисела Вода

МВР вработува 150 полицајци

МВР одобри 24 часовно обезбедување на градоначалничката Данела Арсовска

А1он

Арсовска го објави напаѓачот: Структури во МВР прават се да го заштитат и да го заташкаат случајот